
Прочитајте ја целата статија од весникот Време во продолжение...
Власта повторно им зададе удар на телевизија „А1“ и на дневните весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“, бидејќи вчера нивните сметки по вторпат замрзнаа, по одлука на истражниот судија Владимир Туфегџиќ. Иако само пред шест дена Кривичниот совет ги одмрзна сметките, Туфегџиќ реши да ја запечати егзистенцијата на медиумите. Сега „А1“ ја блокираше за два милиона евра, „Плус продукција“, под чијашто капа се дневните весници, за 70.000 евра, а се замрзнати и сметките на уште седум фирми за сума повисока од еден милион евра, со што се доаѓа до сумата од 3,3 милиони евра.
Сметките, како и првиот пат, се замрзнати речиси празни, поради што е јасно дека станува збор за директен удар врз медиумите, а не за начин за наплата на евентуален криминал. „Истражниот судија, по предметот во јавноста познат како случај ‘Пајажина‘, во врска со поднесениот предлог за определување мерка за привремено обезбедување средства што се во врска со кривичните дела за кои се води истрага, донесе Решение со кое се врши привремено замрзнување и задржување на паричните средства на банкарските сметки на десет правни лица“, се наведува во соопштението на Основниот суд Скопје 1.
Стручњаците повторно се изненадени бидејќи место да се замрзне имот, судот посегна по празните сметки, односно се замрзнува сиот иден прилив. Особено што веќе е познато дека Кривичниот совет, кога пред пет дена донесе одлука да се одмрзнат сметките, ги уважи сите жалби на одбраната и се изјасни дека без вештачење на документацијата не може да се знае за колкава сума станува збор.
- Повторно се замрзнати сметките на медиумите и на други фирми од кои се забранува да се подигнат идните приходи за кои, пак, е можно и никогаш да не се слеат на сметките. Кога се замрзнуваат сметки, целта е на тој начин државата да ја наплати штетата при докажување на криминалот, па затоа е нејасно како на овој начин ќе се исплати отштета на државата со празни сметки. Затоа сметам дека овие мерки се преземени со една цел, а тоа е да се згаснат медиумите и фирмите бидејќи со блокирани сметки нема да можат да работат.
Имаме иста ситуација како и првиот пат, која нема за цел да обезбеди отштета за државата бидејќи нема замрзнат реален имот - вели Слаѓана Тасева, претседателката на „Транспарентност нулта корупција“. Нејасно е зошто истражниот судија Туфегџиќ ја прифати играта со бројки на Обвинителството и сметките повторно ги замрзна на сума истресена од ракав, без извршено вештачење. Пред еден и пол месец, директорот на УЈП, Горан Трајковски, излезе со сума од околу четири милиони денари, кои, наводно, ја должат единаесетте фирми од Перо Наков. Само еден месец подоцна, Обвинителството извади нова сума, според која фирмите должеле 5,2 милиони евра, од кои само телевизијата „А1“ имала долг од 4,4 милиони евра. Најновата пресметка, пак, покажала дека претходната сума не е точна и дека сега долгот се намалил на три милиони евра. Во образложението на решението на истражниот судија стои дека правните и физичките лица немаат доволно имот за да ја покријат отштетата, па затоа се оди кон замрзнување на сметките.
„Правните лица и обвинетите како физички лица од доказите собрани пред донесување на ова Решение не поседуваат имот што би можел да биде доволно обезбедување за висината на паричните средства за кои е предложено да бидат привремено обезбедени“, се наведува во соопштението. Тасева објаснува дека надлежните повторно направија преседан, односно ја утврдиле сумата што треба да се замрзне, без да се направи вештачење. - Овој случај не се води во нормална постапка бидејќи прво УЈП требало да утврди дали има даночно затајување, по што би издале решение за присилна наплата, како што е направено за една од фирмите. Исто така, повторно немаме вештачење со кое би се утврдило затајувањето, па вака обвинителот презема активности со недоволно утврдени мерки.
Најлошо од се е ако не се утврди криминал, а веќе се згаснати медиумите, тогаш државата ќе нема што да им врати - вели Тасева. Со констатација на судот не се согласува ни адвокатскиот тим на медиумите и на фирмите, кои истакнуваат дека под имот не се подразбира само земјиште и недвижен имот, туку, на пример, „А1“ има опрема, репетитори и сл. Па, според нив, токму одбивањето на надлежните да го замрзнат имотот ја покажува нивната основна цел, да ги згаснат медиумите. Адвокатскиот тим има рок од три дена да го обжали решението на истражниот судија. - Го добивме решението, по што во рок од три дена ќе поднесеме жалба бидејќи, како и првиот пат кога го обжаливме замрзнувањето на сметките, и сега сметаме дека имаме добри аргументи за да издејствуваме повторно одблокирање - вели адвокатот Дончо Наков.
Адвокатите објаснуваат дека не може да се замрзнуваат идни приливи на сметките бидејќи на тој начин не може да се плаќа данок, со што судот принудува да се врши криминал. Останува Кривичниот совет да донесе одлука дали повторно ќе ги одблокира сметките и ќе ги прифати аргументите дека целиот случај може да се реши во управна, а не во кривична постапка и дека државата не смее да уништува и да згаснува четири медиуми, кога постојат и други мерки на обезбедување, кои нема да ја доведат во прашање егзистенцијата на фирмите и на вработените.
Студиото повторно на Илинденска
Екипите на телевизија „А1“ од синоќа повторно се преселија во импровизираното студио пред Владата, каде што под отворено небо продолжија да ја емитуваат програмата. Заедно со нив се и колегите од дневните весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ бидејќи со последната одлука на судот е оневозможено нормалното функционирање на сите четири медиуми.
По две недели поминати пред Владата, а само пет дена во студио, новинарите повторно беа принудени да излезат на улица бидејќи веќе нема начин како телевизијата нормално да функционира. Со замрзнување на сметките не постои можност како да се плаќаат режиските трошоци, да се набавува опрема, како и да се исплаќаат плати на вработените.
Додека екипите на „А1“ беа пред Владата, добија неизмерна поддршка и од граѓаните, а нивната поддршка ја очекуваат и во наредните денови, се со цел заедно да се изборат за опстојување на нивните омилени медиуми.
Новинар: Валентина Стојанчевска
No comments:
Post a Comment